Никола Груевски вечерва сам ќе се пријави на отслужување на двегодишната затворска казна

1ТВ дознава дека екс премиерот Никола Груевски вечерва сам ќе се пријави на отслужување на двегодишната затворска казна откако доцна попладнево Кривичниот совет на Основниот суд во Скопје ги отфрли сите жалби поднесени од адвокатскиот тим и жалбата поднесена лично од него. По доставувањето на одлуката, нему му преостанува сам да се пријави или да биде полициски спроведен на издржување на казната.

Според некои најави, се очекува тоа да се случи уште вечерва, односно Груевски да го избегне спектакуларното приведување како и камерите и новинарскиоте екипи.

Решението од Судот гласи:

-По добиени повеќе прашања од медиумите, ја информираме јавноста, дека Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалби истакнати од одбраната и обвинетиот во предметот со КОК бр. 59/17, од обвинителството означен како „Тенк“, изјавени против решението на судија за извршување санкции, денеска одржа седница на која по ценење на фактите и доказите во жалбите донесе решение со кое ги одби жалбите и го потврди решението на судијата за извршување санкции, наведува Судот.

Груевски е осуден на две години затворска казна за случајот „Тенк“.