СЈО рано утрово влезе во фирмите на Орце Камчев

Обвинители од Специјалното јавно обвинителство утринава во 6 часот влегле во сите фирми на бизнисменот Орце Камчев, потврдија неофицијално од СЈО за САКАМДАКАЖАМ.МК.

СЈО врши претрес во седиштето на „Орка холдинг“ и во други фирми надвор од Скопје, врз основа на судска наредба. Акцијата е со асистенција на Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција на МВР, велат неофицијално од СЈО, но не кажуваат за какви сомневања станува збор, односно какви кривични дела истражуваат со инспекторите од организиран криминал од МВР.

Нема информации во моментов додека трае претресот ни дали се врши заплена, а ни дали е некој уапсен.

На 29 август 2016 Камчев дојде на распит во СЈО, но Обвинителството тогаш не кажа во кое својство и за кој случај е повикан.

Реномираниот економски магазин „Форбс“ во 2016 го прогласи Камчев за најбогат Македонец, кој преку неговата компанија „Орка холдинг“ е сопственик или косопственик на болницата „Систина Аџибадем“,  на „Стопанска Банка- Битола“, на најголемиот земјоделски комбинат ЗИК „Пелагонија“, на градежната фирма „Бетон-Штип“, хотелот „Ибис“, на тогашната медиумската куќа МПМ која сега е во стечај и десетина други фирми. Според „Форбс“, Камчев кој тогаш имаше 46 години беше еден од најмладите на листата на најбогатите, но и еден од ретките кој во 2015 го зголемил богатството.

Извор: СДК