Албански медиуми: Груевски излегол од Албанија со автомобил на унгарската амбасада

Извори во албанската полиција посочиле дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски на 11/11/2018 во 19:11 поминал преку Албанија до Црна Гора со автомобил на унгарската амбасада во Тирана. Возилото имало таблички: CD1013A, пишува албанскиот медиум dialogplus.ch.

Груевски во вторникот објави на Фејсбук е во Будимпешта и бара политички азил во Унгарија, бидејќи наводно добил смртни закани во Македонија.

Груевски владееше повеќе од 10 години во Македонија, се повеќе претворајќи се во опасен автократ, кој одржува блиски врски со Кремљ, пишува уште медиумот.

Понатаму во текстот се додава дека Груевски е осуден на две годишна затворска казна за финансиска измама со купување на службено возило во износ од 600 илјади евра.

На крајот се заклучува дека е голема мистерија за тоа како Груевски преминал од Македонија, додека бил под полициски надзор. Неговиот премин низ Албанија наметнува непријатни прашања и за албанските власти. Со кој пасош поминал Груевски низ Албанија? И дали има поврзаност со некои од водечките политичари во Тирана?