Денеска е Св Јован Милостив а утре Св Јован Златоуст

 Денеска се празнува споменот на Свети Јован Милостив патријарх Александриски. Роден е на островот Кипар во кнежевско семејство. Воспитан од детството како вистински христијанин. На настојување од родителите се ожени и имаше деца. Но, по Божја Промисла се упокоија и децата и жена му. Прочуен заради милосрдието и благочестивоста, Јован беше избран за патријарх Александриски во времето на царот Ираклиј. Десет години управуваше со александриската Црква како вистински пастир, чувајќи ја од незнабошците и од еретиците. Беше пример на кротост, милосрдие и човекољубие. „Ако сакаш благородство“, велеше, „не барај го во крвта туку во добродетелта, зашто тоа е вистинското благородство“. Сите свети се одликуваа со милосрдие, но свети Јован ѝ беше предаден на оваа света добродетел. Еднаш, служејќи Литургија се сети патријархот на Христовите зборови: „Ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот“ (Матеј 5, 23, 24) и се сети дека еден од клириците е зловолен кон него; тој брзо ги остави Светите Дарови, му пријде на тој клирик, му падна пред нозете и го замоли за прошка.

И, дури кога се измири со човекот се врати пред жртвеникот. Еднаш, пак, одејќи кон црквата на светите Кир и Јован, се случи да го сретне една бедна вдовица и почна да му говори за својата беда. Придружниците на патријархот почувствуваа здодевност од долготрајната поплака на жената, па му рекоа на владиката да побрза в црква на служба, а жената би можел да ја слуша и после службата. Свети Јован им одговори: „А како ќе ме послуша мене Бог ако јас не ја послушам нејзе?“ И не сакаше да мрдне од местото дури не ја ислуша нејзината поплака докрај. Кога Персијците удрија на Мисир, патријархот Јован седна во кораб за да се оддалечи од напаста. По пат се разболе и кога стигна на Кипар умре, завршувајќи го животот во својот роден крај, во 620 година. Неговите чудотворни мошти се пренесени најпрво во Цариград, а потоа во Будимпешта и најпосле во Пресбург.

Утре пак се празнува Свети Јовам Златоуст,патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање. Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован.

А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот.

Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

С.А