Колку се долги чергите на “газдите”благодарение на нашите грбови. Ти магистер а тој со средно ама, газда ти е

На голем дел од македонските газди им се виде минималната бруто-плата многу висока. Се закануваат со затворање фабрики, со протести и со ред други мерки ако не им платат помалку пари на работниците. И целиот бунт и револт е за 12.000 денари нето-плата, односно нешто повеќе од 17.000 денари бруто-плата.

 

Но, дали некој воопшто заслужува да се нарече газда ако нема за плати од 12.000 денари?!

Македонските газди се еден посебен феномен. Далеку се слуша за нивните нечовечки дела. Слушаме секојдневно како се однесуваат со своите вработени. Од враќање на дел од платата, па одат и до степен да им исечат на работниците од платата, бидејќи имаат добиена повисока сметка за струја од предвиденото.

Секој втор денеска може да отвори некаква фирма и да го добие името како “газда”, но не секој може да се носи со таа функција и достојно да стои зад своето име.

Ви издвојуваме 12 факти кои ги отсликуваа македонските газди:

1. На првиот разговор се договарате за плата од 20.000 денари и осигурување. Неколку дена пред плата, наоѓа некои изговори дека не е задоволен и цело време е нервозен. Добиваш плата од 12.000 и не си пријавен. Ако дојде инспекција ќе се преправаш дека таму си дојден случајно за некоја потреба.

2. Секој ден слушаш една иста приказна. Да бидеш среќен што работиш кај него, ехе да знаеш само какви газди има во Македонија. Слушаш и се чудиш…

3. Не дај боже да се разболиш. Тој е поболен од тебе. А и плус ти си виновен што си болен, што не си внимавал… Ќе бидеш исечен од плата, бидејќи не си на работа една недела.

4. Едвај добиваш десет дена одмор и тоа само летен. Плус ти е страв да прашаш, да не ти се изнавика. Ќе ти дозволи, ама ќе се чувствуваш некако непријатно. Како да му бараше кој знае што, а не денови за одмор кои те следуваат. И ќе бидеш слободен една недела, а потоа ќе ти се јави да те викне на работа, бидејќи тој треба да оди по 100 пат во Грција.

5. Ти си дипломиран или магистар, а тој е со средно. Нема врска со она што се работи, но ќе ти соли памет, како треба. А тој и е газда, па ќе го слушаш.

6. Те боли срцето, кога ќе ти каже дека денеска секој може да заврши факултет. Се е лесно…

7. Климата или е пуштена на најслабо или е исклучена. Стандарден е муабетот кога ќе влезе од надвор, внатре: “Леле ќе се загушите, колку е топло…”, а надвор има само еден степен…

8. Ако дојде поголема смета за струја од предвидената, им се крати од платите на работниците, за да се плати истата.

9. Отворено си прашуваат планираш ли да се мажиш или да раѓаш. Немаат тие простор да се заморуваат со трудници и лица кои треба да користат боледување.

10. Имаат право, дури и со месеци да ти кажуваат дека платата ќе доцни, барајќи разбирање, а тој за еден ден тргнува на далечно патување со сопругата.

11. К-15, што е тоа? Ти го пуштаат, а потоа да го вратиш. Што сакате, па така прават сите фирми, што сме ние повеќе?

12. Ние живееме во Македонија, треба да ни е јасно тоа дека не можеме да се споредуваме со другите европски земји. Се вели испружи си ги нозете колку ти е чергата, а неговата черга е многу голема, благодарејќи на нашите грбови.

Скопјеинфо