Наставниците и административците од следниот месец на протести ширум земјата

Наставниците и административците од следниот месец на протести ширум земјата. Ќе почнат во Прилеп на 15 декември, а ќе завршат со генералниот протест во Скопје.

Не е исклучена ниту можноста за генерален штрајк на администрацијата. Конфедерацијата на слободни синдикати бара зголемување на платите во јануари, а не во септември, како што е предвидено во предлог-буџетот за следната година. За нив е неприфатливо и зголемувањето на платите за пет отсто.

Не се согласуваме бидејќи минатата година имаше покачување на минималната плата и согласно законите во Македонија требаше да се направи усогласување со колективните договори, но тоа не се направи и се создаде едно порамнување на платите со носителите на дејноста и не се задржа распонот на платите по вертикала во јавниот сектор. Сето тоа доведува до напуштање на стручните кадри од јавната администрација, рече претседателот на КСС Благоја Ралповски на денешната прес-конференција.

КСС се противи и на најавите за трансфер на буџетари во приватниот сектор. Оттаму велат, парите треба да се пренаменат за нивна преквалификација.

Конфедерацијата бара и исплата на К-15. Според нив, нелогично е државата да казнува приватни фирми, а на своите вработени да не им дава регрес за годишен одмор.

Оттаму велат бараат и политиката „да ги тргне рацете“ од администрацијата.

Инаку, КСС протестираше и на почетокот на оваа година, но велат дека на средбите по тој протест Владата само купувала време.