О2 Иницијатива: МПЦ да ја подари парцелата во Центар за парк

О2 Иницијативата побара Македонската православна црква да се откаже од парцелата спроти „Холидеј ин“ и место згради таму да се изгради парк. Тие ја повикуваат црквата да не ги осудува децата на живот во гасни комори и да не дозволи материјалното да го засени духовното.

„Ве повикуваме плацот што го поседувате во строгиот центар на Скопје да го донирате за парк што ќе биде симбол на вера и љубов, она што на овој народ во овој момент покрај чистиот воздухот му е најпотребно. Практикувајте го она што го проповедате, вратете ја надежта на луѓето во добрината и духовноста. Не осудувајте ги нашите деца на живот во гасни комори, бебиња на борба за живот уште неродени, не нè терајте да молиме за воздух. Во име на тие деца и нивната иднина не правете ја оваа грешка, не давајте материјалното да го засени духовното. Конечно, и вие некогаш некому, на својот народ или на Бога, ќе треба да одговорите која е потребата на духовни лидери да се опкружуваат со материјални работи. Која е потребата до вашите црковнички титули да стојат суми испишани во евра? Во вашиот земски живот правевте добро или зло?“, стои во јавниот повик објавен на „Фејсбук“.