Граѓаните ја губат довербата во СЈО

Мнозинство од 53,5 отсто од граѓаните немаат доверба во Специјалното јавно обвинителство и ова е голем пресврт споредено со сите претходни истражувања во кои СЈО имаше голема поддршка, објавува телевизија Телма.

Расте недовербата на граѓаните и во другите институции во правосудтсвото. Во редовното обвинителство односно во Републичкото јавно обвинителство мнозинство од граѓаните односно 61 отсто немаат доверба, а 32,7 отсто имаат доверба.

На прашањето – колку доверба имате во судството? Мнозинство дури 61,4 отсто одговориле дека немаат доверба во судскиот систем, а 33,3 отсто имаат доверба.

Ова е само еден дел од анкетата подготвена од телевизија Телма и Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС, спроведена во рамките на „М Проспект“.

Вечерва во емисијата „Топ тема на ваша страна“ ќе биде презентирана целосната анкета за тоа кои се проблемите кои најмногу ги загрижуваат граѓаните. За првпат политичките прашања се на дното на листата, а загадувањето станува алармантно.

Анкетата е спроведена од во период од 11 до 16 ноември на репрезентативен примерок од 1014 испитаници.