Сите идеали на овој свет не вредат колку солзата на едно дете

Прв пат го видов Кико пред девет месеци, во дворот на Основното училиште Братство – Миѓени во Тетово. Неговите соученици играа фудбал, а тој стоеше од страна и ги гледаше. Повремено им подвикнуваше нешто неразбирливо и ракоплескаше со раширено вкочанети прсти, тресејќи се со целото тело.

Тогаш наставничката му фрли топка, а тој се затетерави во обид да трча и веднаш падна. Додека стануваше полека, со широка насмевка на лицето, ми изгледаше како некое мало сонце да изгрева од земјата. Ја потфрли топката назад кон наставничката, а таа пак кон него. И цело време се смееше со таа негова посебна насмевка.

„Браво Кико!“- му подвикна едно дете, а тој уште посилно се затрча, пак падна, и пак веднаш стана со тој посебен блесок во очите. Зашто Кико е дете што блеска, со таа црна коса, со тие костенливи очи и со таа посебна насмевка.

На жалост Кико е и со посебни потреби. Иако има 12 години, не знае да чита и пишува, дури не знае ни да зборува како другите деца. Роден е со проблеми во развојот на мозокот, но опкружен со големи надежи дека нешто ќе се смени.

Затоа Кико беше вклучен во редовна настава. Преку проектот за инклузија му беше даден личен асистент, т.е. посебна наставничка да работи само со него.

Заедно пишуваа со шарени боички, читаа од десетици најразлични сликовници, трчаа заедно по топката на физичко, паѓаа, стануваа, разговараа со другите деца на одморите. Заедно јадеа, се бришеа, се гушкаа…

И Кико почна да препознава бои, да ги именува, да препознава букви. A децата кога се среќаваа низ ходниците, наместо поздрав почнаа да си довикуваат: „ Еј, виде, Кико го покажа Гоце Делчев на слика!“ или „Еј, знаеш, Кико почна да брои!“ и „Еј, Кико денес не сакаше да си оди од училиште!“.

Кико научи дека таму, во училиштето го чека втора мајка. А мајка му сфати дека конечно може барем малку да здивне и да се загледа во една нова надеж…

Потоа заврши школската година па дојде и конкурсот за нови персонални асистенти. Но никој не дојде да работи со Кико. Иако во Тетово се примаа 15, а беа пријавени дури 18 лица за персонални асистенти. Иако општината побара и доби средства за уште 5 дополнителни асистенти.

А Кико се врткал неколку дена низ училиштето, како да барал нешто изгубено. Ѕиркал со подзамижани очи помеѓу клупите, со едната рака ги допирал ѕидовите на училницата, а со другата се бришел под очите. Со поднаведната глава, без зборови и без ниедна насмевка, го снемало.

И сега јас се прашувам зошто Кико не оди на училиште? Зошто е затворен дома со мајка му, за да секој ден, во нејзините зеници го гледа својот мал лик, колку нокте на мало бебе?

Зошто, кога никој не требаше да измисли стотици илјади евра? Парите за проектот за инклузија ги дава УНДП.

Зошто, кога некоја невработена наставничка цело лето спремала еден куп нови сликовници и чуда за Кико, со нови надежи. Ама какво фајде? Никој не ја повика.

Не можам да најдам друг одговор освен дека таму некаде, на патот од општината до училиштето, во некоја длабока шахта пропаднала емпатијата. Затоа никој не се постави во кожата на мајка му на Кико и не помисли дека можело и него да го снајде истото. Зарем за таква емпатија не е способен никој друг освен некоја слична мајка или само онаа што веќе изгубила дете?

И сега мајка му на Кико трча од работа до АВРМ, па до општината, па до училиштето, па до Скопје, барајќи одговори. Со какви изговори, принципи и закони и ги полнат ушите додека ја гледаат в очи без да и ги видат солзите? Без да му ја видат душичката на Кико длабоко во нејзината.

А таа ги остава последните пари за автобуска карта и со наведната глава тргнува со трепетлив чекор по пријателите, да позајми уште малку пари. Па пак трча до дома, да го пречека дефектологот, па логопедот, и цела ноќ загледана во загадениот Тетовски воздух, се прашува, уште колку пари и требаат за да плаќа приватен наставник.

Зошто Кико не оди на училиште? Не може да ми текне друг одговор освен онаа мудрост на Достоевски: Сите идеали на овој свет не вредат колку солзата на едно дете.

Не ми текнува ништо повеќе освен онаа тажна приказна за човекот кој што на морскиот брег ги спасувал морските ѕвезди враќајќи ги во морето. Кога го разубедувале да не го прави тоа, зашто тој не може да направи кој знае што за да ги спаси сите морски ѕвезди, а тој фрлајќи уште една во морето рекол: „Ама за оваа можам.“

Понекогаш поминувам покрај Основното училиште „Братство – Миѓени“ кога одам на работа. Понекогаш погледнувам кон училишниот двор да не случајно го видам Кико таму, како некоја ретка морска ѕвезда. Го нема.

Последен пат, пред две недели застанав токму на аголот на игралиштето каде што лани за прв пат го видов Кико сам. Ги гледав неговите соученици како играат фудбал. Игралиштето се тресеше од детскиот трк и викотници.

Тогаш некое дете даде гол. Група деца почнаа да викаат, да скокаат од радост, а јас препознав нечиј глас низ сиот детски џагор: „ Ех, да беше Кико сега со нас, колку многу ќе се радуваше.“