Публикум:Битола, две години после протестите: загадувањето и натаму го зема данокот во човечки животи

Пишува: Зоран Милошески

Синоќа, мерната станица „Битола 1“ измери поразителна и загрижувачка концентрација на канцерогените ПМ 10 честички, од 527 микрограми на м³, која е речиси 11 пати поголема од максимално дозволената.

За жал, со голема доза на сигурност може да се каже дека ова нема да биде највисоката измерена концентрација на ПМ 10 честичките зимава, бидејќи искуството покажува дека во зимските месеци аерозагадувањето руши “рекорди“. Изминатите години, двете мерни станици во градот под Пелистер, тогаш кога биле во функција, покажувале концентрации кои биле 15, па дури и 20 пати над дозволеното.

Последниот пат кога граѓаните на Битола организирано излегоа на протест, со цел да го кренат својот глас и да алармираат против енормното загадување, се случи точно пред 2 години. Тогаш, во организација на здружението „За нас се работи“, на 1, 2 и 3 декември 2016 година, се организираше двочасовна блокада на регионалниот пат Битола-Новаци, односно патот кој води до РЕК „Битола“. Организаторите на протестот имаа две барања: субвенционирање на електричната енергија до спроведување на гасификацијата и спроведување на режим на сообраќај во централното градско подрачје во градот под Пелистер. Денес, две години подоцна, двете барања се сѐ уште актуелни, бидејќи ниту тогашната, ниту сегашната власт не ги тргнаа од “дневниот ред“.

А каков беше одзивот на битолчани на повикот за протест, најдобро кажуваат фотографиите кои тогаш Публикум ги направи на местото на настанот: бројката на граѓани кои излегоа да го искажат својот револт од загадувањето на воздухот, беше незначителна.

Затоа, пред да го впериме прстот во потенцијалните виновници за загадувањето кое се плаќа со човечки животи, треба да се погледнеме во огледало и да се запрашаме: дали како граѓани, сме направиле доволно за да го спречиме она што со години се случува не само во Битола, Скопје и Тетово, туку во целата држава – загадување на воздухот и животната средина, надвор од секоја разумна црвена линија?