Членови на ЛДП го пријавиле раководството на партијата за измама, Милевски најави тужба

Членови на ЛДП поднеле кривична пријава против претседателот на партијата Горан Милевски, потпретседателот Игор Вељановски, советничката во општина Кисела Вода ,Марина Чорбеска и тројца други членови на партиските органи на ЛДП, за измама, злоупотреба на положба и злоупотреба на лични податоци.

Според образложението во пријавата, станува збор за непочитување на партискиот статут при изборот на кандидат за советник од ЛДП во општина Кисела Вода на локалните избори во 2017, а подносители на пријавата се двајца членови од општинската организација на ЛДП од Кисела Вода, Горан Путиќ и Ивица Цветковски.

„Од записникот на состанокот од 12.09.2017 Марина Чорбеска од позиција Пртеседател на општинската органзиација на ЛДП во Кисела Вода со закажување и одржување состанок за избор на кандидат за советник , на кој тенденциозно изнесува невистини, го довела членството во заблуда дека на ЦО на ЛДП е донесен став на претстојните локални избори 2017 година ОО на ЛДП во Кисела Вода да предложи само еден кандидат…“, пишува во пријавата.

Како што објаснуваат подносителите на пријавата, изборот бил потпомогнат и од претседателот на партијата, како и од други членови на раководството.

Претседателот на ЛДП, Горан Милевски за „Макфакс“ вели дека не се точни наводите во пријавата. Статутот на партијата е испочитуван и мнозинството донело одлука за тоа кој ќе биде кандидат за советник, вели Милевски и додава дека ќе чека да заврши постапката во Јавното обвинителство , а потоа тој ќе поднесе тужба за нарушување на личниот углед, но и на партијата. Според него, станува збор за лично незадоволство на лицата кои не успеале да бидат избрани за кандидати за советници, а сега сакаат да и нанесат штета на партијата.

„Тужбата и наративот се само потврда дека партијата донела вистинска одлука за тоа кој може да биде советник на ЛДП. Одлуката е донесена во јасна и транспарентна процедура, во фер и демократска постапка која треба да служи како пример за сите на политичката сцена“, вели Милевски.

Претходно била поднесена претставка до Дирекцијата за заштита на личните податоци, која била отфрлена ,а подносителите на пријавата, сега чекаат одговор од Управниот суд.

izvorhttp://www.dokazmk