O2 Иницијатива:Што работи, што не работи!

На тема мерни инструменти добиваме многу прашања деновиве.

Што работи, што не работи.

Од вкупно 18 станици во цела држава, на 10 не работат дали еден, дали повеќе инструменти. Што значи дека повеќе од пола мерни станици во Македонија имаат по барем еден инструмент кој не функционира и не дава податоци. Повеќе од половина.

Центар, 4 инструменти не работат
Карпош и Кичево, по 3
Гази Баба, Битола 1 и Кочани, 2
Лисиче, Ректорат, Велес 2, Гостивар, по 1 инструмент не работи

Вкупно 20 инструменти не работат. Ако еден чини 15,000 евра, тогаш само за да се заменат ќе чини 300,000 евра. За да се постават основните мерења на сите постоечки станици, како за PM2.5, озон, CO, SO2, тогаш потребни се уште 225,000 евра. Само за постоечкиве да се стават во состојба како треба, тоа е 1/3 од буџетот за борба против аерозагадувањето. Ако се обезбедат уште неколку нови мерни станици, резервни делови, тогаш ќе дојдеме и до повеќе од 2/3 од буџетот за борба против аерозагадувањето. 2/3 само за мерењето да е задоволително, што е основа без која не смее. Влада на Република Македонија Каде се конкретните мерки, за да се намали тоа што е детектирано, измерено?

Во меѓувреме, заменик министерот за животна средина Макрадули изјавува дека споредбено со претходните 2 години, во 2018 година постои намалување на бројот на загадени денови.

Статистиката која е дадена е за PM10, просек од мерни станици, број на денови над дозволените 50 µg/m3 и највисока регистрирана загаденост за 2016, 2017 и 2018 во периодите 1 јануари – 30 ноември.

“Јавната комуникација во услови на аерозагадување кое го загрозува здравјето на граѓаните е одговорна работа”, беше укажано пред некој ден од советник на Претседателот на Владата за односи со јавност. Како што не е добро да шириме паника кај граѓаните, ако е неоснована, но со оглед на степенот на загадувањето и неговото долготрајно присуство, тешко може неоснована паника да се шири, не е добро да се манипулира со податоците за да се прикаже подобрена состојба. Мешање ПР од страна на Владата и промовирање на Планот за чист воздух на сметка на стручност и точно информирање на јавноста чие здравје е загрозено со нивото на загадување кое го имаме, не смеело да се случи.

Оваа квази-статистика не смеело да се објави, а осбено не смеело МЖСПП да ја сподели на својата страна. Зошто?

 Од оваа статистика се исклучени станиците кои покажуваат историски највисоки вредности, најголема загаденост со PM10, Лисиче и Гази Баба.

По која основа, не е јасно. Ако се исклучени по основ дека нема податоци за нив, Лисиче од октомври, Гази Баба од август, што е крајно неприфатливо, особено што предизборно беше ставено како приоритет, голем број од другите мерни станици кои се земени за споредба имаат големи “дупки” во податоците. Не ни е јасно како Лисиче не се земало за споредба, но Велес 2 да?

За Велес 2 нема податоци од јули, во јануари исто најголем дел од месецот немало податоци, минатата година има цели периоди без податоци. Битола 2 годинава два месеца немаше податоци, минатата година исто цели два месеца, Битола 1 во 2016 скоро цели три месеци нема податоци, во 2018 скоро месец дена, Лазарополе во 2016 немало податоци три и пол месеци, итн.

 Годишна статистика и споредување на податоци не е можно, кога има толкави “дупки” во мерењата. Ако веќе се споредува, треба да се земат месечни споредувања само каде има податоци.

Самите МЖСПП во својот “Извештај за оценка на квалитетот на воздухот во РМ за периодот 2005-2015 година”, велат “За одредени загадувачки супстанци, не беше возможно да се направи статистичка анализа на трендовите, поради недостатокот на квалитетни податоци од мониторингот, и недоволна покриеност за анализираниот период.”

Хорничен проблем кога мерењето е во прашање во државава, кое го прави споредувањето невозможно во најголем број на случаи.

 Не се факторирани податоци како температура, брзина и насока на ветер, количина на дожд, снег, температурна инверзија. Овие фактори ја менуваат состојбата драстично, ако има ветер, загаденоста е мала, ќе ја оддува, ако има поголема количина на дожд и снег, повторно ќе има намалено загадување, ќе го спушти на земја, потопли зими, пониска концентрација на PM10, итн.

Не може да правите споредба за три години, потполно да ги игнорирате овие фактори и да излезете во јавност со изјава дека споредбено со претходните 2 години, во 2018 година постои намалување на бројот на загадени денови. Крајно манипулативно и непрофесионално од министерство од кое се очекуваат издржани и точни анализи и статистики, не брза пропаганда.

Со овој пост, започнуваме со оценка на изјавите, мерките од Министерството за животна средина и Владата на РМ, спроведувањето на барањата потпишани предизборно од градоначалниците на Град Скопје, општините Аеродром, Гази Баба, Карпош и Кисела Вода.
Оваа изјава, заедно со статистиката ја оценуваме со 👎👎