Мицкоски: Ќе платите за сè – и за името,и за лагите

Нов протестен марш на ВМРО – ДПМНЕ кој денес започна од пред партиското седиште кон Владата а од таму говор одржа претседателот Христијан Мицкоски кој имаше неколку пораки за актуелната власт, велејќи дека истите ќе платат за сите погрешни одлуки од нивното владеење.

„Оваа власт ќе ве убедува дека поразот не бил пораз, туку триумф. Ќе ве убедуваат со плукање кон мене, а не гледаат дека народот си оди. Слепи се за целиот криминал, за целиот грабеж, за сите договорени судски случаи, за целокупниот прогон. И додека тоа се случува, без срам и перде ја прекрстуваат нашата земја. Овој народ нема никогаш да го прифати тоа, и тоа ви го покажа на референдумот. Ви кажаа дека не се за менување на името, а вие тргнавте да го прекстите народот, да им го земете идентитетот. И тоа не ви беше доволно, па ја крстивте нација со комплекси.  Замислете, излезе човекот кој зема плата од нас, кој денеска ги користи сите привилегии и ни рече дека сме биле искомплексирана нација. Не сме ние господине Димитров нација со комплекси, туку со цел и достоинство, и ти ветувам дека еден ден ќе се извиниш за ова што го кажа“, рече Мицкоски кој се осврна и на последните случувања околу прислушувањето, напоменувајќи дека нема да помогне тоа што се обидуваат да ја обвинат власта.

„Ќе најдат опрема која повеќе од две години слушала обвинители и судии. Потоа нема да знаат како да излажат. Прво ќе кажат била од 2016, а потоа од 2013 година. Бадијала се мачите, трудите да го извалкате ВМРО-ДПМНЕ. Не ви минуваат веќе лагите. Народото ќе ви осуди. И оние монтирани судски случаи, ќе дојде денот кога сите ќе ги признаат вашите нарачки“, изјави Мицкоски.

„Лебот ни го покачија, ни ја земаа честа и достоинството, вода нема никаде чиста, воздухот е се потежок за дишење. Ќе го платите и лебот, и воздухот, и чистата вода, и сите лаги… Ќе платите и за името, и за зборовите искомплексирана нација, и за прислушувањето… Ги повикувам сите да ни се приклучат сите на протестите, да ставиме крај на ова владеење на власта. Борбата ќе биде тешка и нерамноправна, меѓутоа ќе се бориме до крај“, се обрати Мицкоски денеска пред Владата.