Тема: Свети Никола и Дедо Мраз , која е разликата?

Многу голема е разликата помеѓу дедо мраз и свети Никола, најпрво затоа што дедо мраз е измислен лик а свети Никола е жив светител. Некои често се прашуваат дали случајно дедо мраз е измислен лик од потрошувачките друштва?

Свети Никола е роден е во Патара, Ликија, Мала Азија околу 270 година, како единствено дете на неговите родители Теофан и Нина. При неговото крстење го добил името Никола кое во превод значи народен победник. Како дете, со голем восхит пристапувал кон проучувањето на Светото Писмо.

Неговиот духовен живот го стекнал преку неговиот чичко кој исто така бил црковно лице, замонашувајќи се во манастирот Нов Сион. По смртта на своите родители, Никола го продал целиот свој наследен имот и парите од продажбата ги поделил помеѓу сиромасите. Додека бил свештеник во својот роден крај, се прочул со делата на својата милостиња. Христијаните веруваат дека му се јавил гласот на Господ кој му рекол: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3). Набргу потоа бил избран за архиепископ на градот Мира, денешна Турција.

Во времето на царот Диоклецијан и Максимијан, кога христијанското население било прогонувано, мачено и затворано, истото му се случило и нему. Со доаѓањето на власт на Константин I Велики, престанало и прогонувањето на христијаните кои во исто време добиле и рамноправно место во Римското Царство. Присуствувал на Првиот вселенски собор во Никеја, каде се залагал за воведувањето на светото тројство. Поради голема ревност го удрил александрискиот свештеник Ариј. По ова, тој бил оптужен за ерес, бил прогонет од самиот собор и му било забрането понатамошно присуство на собирите. Според христијанската традиција на Свети Никола му било одобрено повторно присуство на црковните собири, поради јавувањето на Бог на избраните архиери велејќи им дека сториле голема неправда.

Уште додека бил жив, луѓето го сметале за светител и го повикувале на помош од страна на болните, несреќните и немоќните. Христијаните веруваат дека тој помагал на сите повици и дека од неговото лице сјаело светлост. Во својата старост се разболел и починал на 6 декември 343 година

 

Многу легенди за Дедо Мраз се темелат на древната христијанска традиција според која Свети Никола пред Божик на децата им дели подароци. Современото секуларно сфаќање на Дедо Мраз се развило во втората половина на 19 век.

Ликот на старец со бела брада и црвен плашт го замислил славниот американски карикатурист Томас Наст (1840-1902).

Наст се прославил со своите карикатури, а Американците толку ги сакале неговите илустрации што се сметало дека неговите цртежи можат да го поттикнат воениот морал и патриотизмот.

Ликот на божикниот волшебник со бела брада Наст првпат го објавил на 3 јануари во 1863 година среде американската граѓанска војна.

Подоцна, Наст направил повеќе илустрации за Дедо Мраз и тие почнале да стануваат дел од општата култура.

Но, Дедо Мраз кој денес го знаеме потекнал од реклами. Врз основа на илустрациите на Наст, компанијата Кока-Кола во 1931 година лансирала глобална маркетиншка компанија каде го промовирала ликот на Дедо Мраз во човечка големина кој и денес е препознатлив.

Иако само како заштитен знак на една од првите големи маркетиншки компании, Дедо Мраз од јунак на Кока Кола постери, станал глобален феномен.

Меѓутоа, во некои средини, пред се во тие земји каде доминира религиското влијание на исламот, Дедо Мраз се смета за непожелен бидејќи претставува симбол на христијанската културна доминација.

За разлика од ликот, името Дедо Мраз не е глобално, тоа се разликува во различни земји и култури. Некаде го нарекуваат Санта Клаус, Санта Николас, Божик Бата и слично.

Неговото име често е поврзано со Божикот, но уште почесто со Свети Никола, што е инаку религиозен празник кој претходи на новогодишната веселба.

Името Дедо Мраз, кое се користи кај нас, инаку е југословенски производ. Замислено е така да не фаворизира ниедна религиозна варијанта во поранешната заедничка држава на народите на Западен Балкан

Но се наметнува ли да се помисли дека христијански светец се заменува со митолошки лик? Но факт е дека разликата помеѓу жив светител и измислен лик е огромна