ПРОГЛАСЕНА АВТOКЕФАЛНА УКРАИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

Денеска во Киев е основана автокефална Украинска православна црква, одвоена од московската патријаршија, објавија светските агенции.

На состанокот на претставниците на новата црква, на кој присуствуваше и претседателот на Украина, Петро Порошенко, за поглавар на црквата е избран митрополитот Епифаниј, пренесе агенцијата „Тасс“.

„Им честитам на сите за основањето на автокефалната Украинска православна црква која штотуку беше создадена“, рече Порошенко пред илјадници луѓе кои се собраа денес пред храмот Света Софија во Киев.

Новиот поглавар на црквата беше избран зад затворени врати на т.н. обединувачко собрание, објави агенцијата АП.

Американската агенција потсетува дека ова се случува во време на воена состојба која е прогласена во десет погранични региони на Украина.

Истата беше прогласена на 26. ноември за 30 дена поради можна руска закана по инцидентот кај Кречката Теснина, кога руските поморски сили запленија три украински воени бродови и ги уапсија членовите на екипажот со образложение дека нелегално влегле во руски територијални води.