Света Варвара се празнува во понеделник

Светата великомаченица Варвара настрадала во 306 година, а Светата црква споменот на нејзиното име го празнува на 17/4 декември. Нејзините мошти се наоѓаат во Киев, а светото предание сведочи дека таа повеќе пати се јавувала, некогаш сама, некогаш со Пресвета Богородица.

Празникот на Светата великомаченица Варвара народот најчесто го поврзува со заварување (затекнување), варење и сл . Поради тоа и обичаите и верувањата што се изведуваат на тој ден се во таа насока.

Варење жито на овој ден среќаваме и во Кумановско. Овде најчесто во ѓезве вареле пченка и пченица (мешан бериќет) и сите од куќата каснувале утрото пред да одат на работа. Тоа се правело за да не се запече полето да биде влажно како водата во ѓезвето и да тера бериќетот. Истиот ден се јадел варен грав за да не го тепа град полето.

Во Велешко верувале дека од Варвара до Игнат денот се кревал колку врв од игла, а од Игнат до Васил пак како врв од игла.

Култот на Светата маченица Варвара особено популарен бил во Разлошко каде што се верува дека таа била од овој крај и дека тука настрадала. Овде се изведуваат интересни обичаи, се празнува со собири и панаѓури. Тогаш девојките и момчињата се облекувале во специјална облека, со специјални капчиња на главите оделе кај црквата „Света Петка” над селото, таму играле и пееле, а потоа се враќале и во групи, ужинале во некоја куќа каде што специјално за нив се готвела храна. Потоа пак играле и пееле повеќе обредни песни меѓу кои и „Света Варвара букосава Свети Никола”.

Очигледно е дека култот на светата маченичка Варвара е доста раширен во Македонија. За тоа зборува и фактот што многу семејства овој ден го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби.