Владиката Петар со порака до младите: Или рано мажете се и женете се или во манастир

Младите треба рано да се женат и мажат и да формираат здрави семејства, пред сѐ духовно и физички и интелектуално, а потоа ако некој не е да се жени или да се мажи, имаме сто манастири во епархијава да ги наполниме барем нив. Ова вчера го изјави владиката Петар на одбележување на заштитникот на Битола Свети Нектариј.

„Инаку животот е бесцелен ако луѓето не ја постигнат целта, а таа е спасение на душите, а спасението се постигнува на два начина – преку заедницата брачна или преку посветувањето на бога како монаси или монахињи“, рече владиката Петар.

Тој апелираше до младите да го следат примерот на заштитникот на Битола Нектариј, кој бил побожен и се замонашил, да се запазат христијанските вредности во услови кога семејствата се распаѓаат, има сѐ повеќе разводи на браковите, како и немажени, неженети возрасни луѓе.

По одржаната литургија по повод патронот на Битола Св. Нектариј Битолски, се одржа литија низ битолските улици.

На пладне, во кабинетот на градоначалничката Петровска, се одржа средба со владиката Петар и протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, на која разговараа за актуелната состојба во Преспанско-пелагониската епархија и МПЦ-ОА.