Македонски државјани со автомобил и пеш пренесувале дрога во Грција

Во рамки на борбата со прекуграничен криминал, грчката полиција запленила 33 килограми канабис, во два одвоени случаи во Солун и Кукуш и уапсила три лица, кои според грчките медиуми, се македонски државјани, а дрогата ја внеле и ја пренесувале во Грција.

Од грчката полиција соопштуваат дека во првиот случај се уапсени две лица и биле откриени над 21 килограм канабис. Едниот од уапсените со туркање на полицајците се обидел да избега, но безуспешно, јави дописничката на МИА од Атина.

– Вчера напладне во регионот на Солун беа уапсени двајца странски државјани на возраст од 42 и 39 години, бидејќи беше откриено дека во земјата внеле и пренесувале со две возила, од кои едното имало функција на претходник, 20 рачно изработени пакети со канабис со вкупна тежина од 21 килограм и 881 грама, соопштуваат од грчката полиција во однос на првиот случај, а солунските медиуми објавуваат дека уапсените се македонски државјани.

И во вториот случај, според медиумите, станува збор за македонски државјанин.

На 16 декември, како што соопштуваат од грчката полиција, во рурален дел во Кукуш бил уапсен 31-годишен странски државјанин кој пеш, нелегално влегол во Грција и со него имал торба со 11 килограми и 200 грама канабис.

И во двата случаи, дрогата е запленета, а уапсените биле изведени пред јавен обвинител.