Шеесет и тригодишниот Стоимен Стоилов од каменичкото село Цера, кој пред нешто повеќе од една недела премрзнат беше примен во штипската клиничка болница, ќе биде згрижен во Јавна општинска установа Дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“ во Прилеп. Откако видно закрепнат денес Стоилов  беше пуштен од болница, истиот е упатен во прилепскиот дом кој ќе биде негово понатамошно живеалиште.
 
Како што информираше Благој Стоименовски, директор на ЈУ „Центар за социјални работи“ од Делчево престојот на Стоилов во домот за стари лица во Прилеп ќе биде покриен со средства од делчевската установа.
 
-Поради тоа што Стоилов е лице без свое сопствено живеалиште, баравме начин тој да биде згрижен во некоја од установите кои овозможуваат грижа за ваква категорија граѓани. За среќа наидовме на заедничко решение со Јавната установа Дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“ од Прилеп каде што на Стоилов ќе му биде овозможена понатамошна грижа, вели Стоименовски.
 
Во меѓувреме, општина Македонска Каменица обезбеди и еднократна парична помош за Стоилов, но исто така Стоилов ќе добие и помош во материјални средства кои му се потребни на немоќниот самец.
 
Стоилов на 17 декември премрзнат беше примен во клиничката болница во Штип, по примен повик на негови соселани, кои претходно, преку фотографии на социјалните мрежи алармираа за лошата состојба во која без основни услови за живот се снаоѓаше сега веќе згрижениот 63 годишен жител на каменичкото село Цера.
izvor i foto delcevo365.mk