Казните за невакцинирање на децата се од 350 до 650 евра

Казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра, потсетува Министерството за труд и социјална политика.

Министерството соопштува дека ги информирало сите државни и приватни градинки, дека Министерството за здравство прогласи епидемија на мали сипаници (морбили) во Скопје, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести. Истовремено МТСП им укажало на градинките дека е на сила забрана за примање деца во градинките кои не се васкцинирани од МРП (вакцина за морбили, рубеола и паротит).

„Градинките се задолжени и да спроведат санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки. Врз основа на горе наведеното Министерството за труд и социјална политика укажува дека треба да се почитуваат одлуките коишто се донесени од страна на Министерството за здравство. Укажувањата и препораките се во насока превенција и поголема безбедност на децата“, се додава во соопштението.

Министерството за здравство вчера прогласи епидемија на морбили или мали сипаници на територија на градот Скопје поради 12 нови случаи. Министерот Венко Филипче информира дека шест од новите случаи се потврдени со соодветни анализи, а за останатите 6 анализите се очекуваат утре. Додаде дека меѓу новите случаи повеќето се деца, но има и возрасни, а сите се невакцинирани лица со МРП вакцината.

Казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра