Измени во Законот: Строга забрана за рекламирање на државата и локалната самоуправа на приватните радиодифузери

Скопје, 14. јануари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги предвидуваат строга забрана за рекламирање на државните органи и локалните самоуправи на приватните радиодифузери.

Според измените објавени во Службен весник на Република Македонија со Бр. 248, од 31-ви декември 2018 година, во Член 25 стои дека се менува Членот 102 од законот и тој сега гласи:

– Забрана за рекламирање. Државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери, стои во измената.

Остануваат отворени прашањата за тоа како ќе се третираат веќе потпишаните договори за соработка со радио и тв станиците, но и како ќе се третираат веб порталите, кои не се опфатени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива