ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ ОД МАКЕДОНИЈА ДОБИ СЛУЧАЈ ВО СТРАЗБУР

Коалицијата Маргини денеска во Судот во Стразбур доби позитивна пресуда во случајот „Х против Македонија“, каде Судот утврди дека постоечката законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транс лицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет.

По одлуката на Судот во Стразбур, Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.

Лицето „Икс“, кое останува анонимно, е роден како девојче, но од своето најрано детство тој се доживува како машко, односно чувствува дека неговиот род не се соодвестува со полот во кој што е роден. Пред девет години ја започнува постапката за менување на полот, со што за него почнуваат правните и административните замки кои ќе го наведат, неколку години подоцна, со поддршка на Коалицијата Маргини, да ја тужи државата во Стразбур.

Министерството за внатрешни работи прифатило да му биде сменето името во личните документи, ознаката за пол останала “женски“, затоа што процедурата за менување на оваа ознака во Македонија се прави според различен закон од оној за промена на името.

Адвокатката Наташа Бошкова, за МИА, потсетува дека иако има недостаток на јасна процедура, постои најмалку еден друг преседан каде управата за водење на матични книги прифатила промена на ознаката за пол во документите за други лица во Македонија. И покрај преседанот, управата го отфрлила барањето на лицето “Икс“ со образложение дека немало доволно докази дека е направена целосна медицинска документација и дека лицето не направило комплетна операција, пишуваат од Нова ТВ.

Правниот тим на трансродовото лице го обжалува решението на управата за матична евиденција.

Судот на транс лицето му доделил 9000 евра нематеријална штета за претрпен стрес во изминатиот период.