Завршуваат итните мерки за загадувањето

Денеска се укинуваат итните вонредни мерки кои Град Скопје ги воведе пред два дена заради огромното аерозагадување. Од градот велат итните мерки ќе бидат укинати денеска во 18 часот, а пак од Владата информираа дека почнувајќи од утре, 23 јануари, се укинуваат мерките и препораките кои вклучуваат ослободување од работа на бремените жени, постарите лица како и лицата со хронични и респираторни заболувања. Исто така, од утре се укинува и препораката за ограничување на работите на градежните објекти.
Додека надлежните со итни мерки се обидуваат да го решаваат проблемот со воздухот, граѓанскиот сектор преку интернет петиција бараат здравјето на граѓаните да биде ставено на прво место, но и Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање да започнат со итна примена на краткорочни и среднорочни мерки насочени кон намалување на загадувањето на воздухот.
Отворање на фонд за животна средина преку кој ќе се поттикнат мерки за заштита на средината. Подобрување и зголемување на јавниот транспорт во градот, воведување на нови ефикасни линии. Намалување на данокот на додадена вредност за топлинска енергија со што цената за централно греење значително би паднала и корисниците би се стимулирале да се вратат на мрежата.
Градоначалникот на Скопје, Шилегов вели дека дел од барањата на еко активистите веќе се разгледани и започнати со имплементација, но топката ја префрли на централните власти кои се уште административно не ги завршиле работите за одредени проекти.
За лошиот амбиентален воздух и високите концентрации на ПМ честички, кои секојдневно се повеќе ги полнат болниците, повеќепати алармираше и опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека е потребно прогласување на вонредна состојба, за, како што вели, да се заштити здравјето на граѓаните.
Според Европската агенција за животна средина во Македонија, во тек на една година, како последица од загадениот воздух умираат повеќе од 3.000 лица.