Наставници и професори ќе протестираат , платите им биле ниски

Наставниците и професорите организираат протест. Збирното место им е Штип.  Тие се револтирани од ниските плати и како што велат сведувањето на категорија на социјални случаи, од една страна и игнорантскиот однос на Владата , од друга:

„Наши вработени се доведени на работа на социјалното дно. Ние имаме покачување на социјалната помош, што е во ред, но имаме и вработени кои работат 40 часа неделно и повторно се во социјалната категорија заради ниските плати“, смета Јаким Неделков, прет. на СОНК.

Поради ова, синдикатот и вработените во образованието, науката и културата  во сабота од Штип ќе и порачаат на државата дека го допреле социјалното дно и ќе побараат повисоки плати и можност за подобар стандард:

„Платите се многу ниски, многу под просечната. Во образованието зборуваме за просек од 22.000, додека просечната е близу 25.000 денари. Сметаме дека со едно покачување од 25 % или приближно толку, ќе можеме да се доближиме до просечната, која исто така е ниска“, тврди Неделков.

Само во источниот регион има околу 6.-7.000 вработени во дејностите образование, наука и култура. Ако се прифатат барањата за повисоки плати, за државнот буџет тоа се дополнителни над 300.000 евра на месечно ниво. За сите вработени во овие сектори, кои се некаде околу 30.000, месечно се потребни над 1,5 милиони евра.

Дали државата ги има и што е уште поважно дали е подготвена да ги даде овие пари, е голема дилема, но наставниците се категорични, ако не им се исполнат барањата ќе стапат во генерален штрајк.

На протестот закажан за сабота во Штип, се очекува присуство на над 2.000 членови на СОНК од источнот дел на државата.