Од грип во Македонија во моментов боледуваат 643 лица !

Во текот на изминатата недела (од 21 јануари до 27 јануари), се регистрирани 643 заболени од грип, што е зголемување за 20,2 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 535 заболени од грип, се наведува во извештајот, што на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје.

Бројот на пријавени лица изминатата недела е помал за 40,7 отсто споредено со истиот период минатата сезона кога беа пријавени 1.085 случаи. Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 19 материјали за тестирање на грип, од кои 12 (63,2 отсто) се позитивни за присуство на вирусот на грип – 10 Influenza A(H1N1)pdm09 и два Influenza A(H3).

Најголем број заболени (457) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 50,8 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст до четири години.