Уште едно дете почина од компликации од мали сипаници (морбили)

Уште едно дете почина од компликации од мали сипаници (морбили), вчера попладне на Клиниката за детски болести, откако првата жртва пред два дена беше бебе од шест месеци.

„Станува збор за 13-месечно дете од Свети Николе, кое и предходно имало други здравствени проблеми. Ова е второ дете кое почина од компликации предизвикани од морбили. Искрено жалиме што овие деца се жртви на епидемијата од морбили, болест која може да се спречи со вакцинација“, велат од Министерство за здравство.

Министерството повторно апелира до родителите најодговорно да ги применуваат препораките за вакцинирање со МРП вакцината, која заштитува од ова сериозно заразно заболување.

„Вакцината ја има во здравствените домови се аплицира бесплатно, а вакцините се со проверен европски квалитет и рок на траење“, велат од Министерство за здравство.

Шестмесечно бебе од Куманово пред два дена почина на Клиниката за инфективни болести од компликациите предизвикани од мали сипаници, кажа министерот за здравство Венко Филипче.

„За жал утрово на Клиниката за инфективни болести почина едно шестмесечно бебе кое имаше морбили. Имаше компликација на белите дробови, а тоа е детенце кое е невакцинирано. Претходно се лекувало на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, а потоа префрлено на Клиниката за инфективни болести. За жал лекарите не можеа да се справат со компликацијата“, рече Филипче.