Премиерот Заев побара оставка од директорот на затворот „Шутка“

Зоран Заев денеска побара оставка од директорот на истражниот затвор во Шутка Ѓоко Котевски поради тоа што не си ја завршил работата и дозволил инциденти еден по друг во установата со која што раководи.

„Јас се слушнав со директорот Ѓоко Котевски во врска со инцидентите во Шутка. Тој ми поднесе устен извештај дека притвореното лице Спире Ристовски со погрдни зборови прв вербално нападнал друго затворено лице, а потоа за многу кратко време се случил уште еден таков инцидент. Тоа не може да се толерира, без разлика дали истрагата ќе покаже дека нападнатите две лица го испровоцирале инцидентот или не. Во затворот секој треба да си ја врши работата и да не дозволува ни намерни и ненамерни инциденти. И секое лице што наоѓа таму лишено од слобода треба да биде безбедно. Со оглед на тоа што Владата го именува директорот на затворот во Шутка, очекувам тој во понеделник до Владата да си поднесе оставка“, изјави утринава Заев на конеференција за борба против корупцијата во Скопје.

Министерката за правда Рената Дескоска рече дека очекува да се истражи случајот до крај, да се вклучи и Народниот правобранител и да се испита целосно таа ситуација.

„Мора во затворските установи да се почитуваат правата и слободите на лицата кои се лишени од слобода. Во спротивно, треба одговорните во тие установи да си поднесат оставка“, кажа Дескоска.