КОЈ И КАКО ОПЕРИРА ПАЦИЕНТИ? ОЈО ОТВОРА ИСТРАГА ЗА ДЕЛ ОД СМРТНИТЕ СЛУЧАИ

Без соодветна апаратура, кадар и спротивно на законот, доктори оперирале пациенти во ординации кои работеле без дозвола. Ова се само дел од неправилностите кои ги откриле здравствените инспектори во случајот со смртта на 38 годишниот маж кој почина од сепса.

Сопственикот на ординацијата „др Крсто Митаноски“ каде пациентот се оперирал од хемороиди, бил пензиониран уште од 2012-та година и немал валидна лиценца за работа. Хирургот Ѕвонко Николовски кој го оперирал пациентот, немал дозвола да го прави тоа во изнајмената операциона сала.

Поради ова, ординациите „Крсто Митаноски“ и „Јанита“ добија забрана за работа од Здравствениот инспекторат. Случајот ќе биде предаден и на јавното обвинителство, кое ќе утврдува и кривична одговорност.

Инспекторатот утврдил пропусти и во лекувањето на 61 годишната жена која пред неколку недели исто така почина од сепса на КАРИЛ. Според инспекторите, доктор на клиниката за дигестивна хирургија оневозможил соодветно лекување на пациентката, за што му е изречена парична казна од 200 евра.

– „Заради евидентирање на пропусти ДЗСИ веќе изрече мандатна казна на здравствен работник, медицинско лице кое оневозможил соодветно здравствено лекување, што значи заради тоа што докторот кој бил на работа констатирал и усно и писмено и во Мој термин и во изјавата во која ја даде дека се работи за итен случај, а бидејќи немало место да ја хоспитализира, пишува дека треба да се хоспитализира во друга инситутција, но постапувајќи по законот ДЗСИ издаде мандатна казна“. – изјави Др Ирина Бухова – Директорка на ДЗСИ.

По смртта на пациентот од Ресен и утведените пропусти во системот, инспекторатот сега најавува дека контроли ќе се вршат и во сите други приватни ординации за да се види кој и како работи со пациенти.

На прашањето дали на лекарите ќе им бидат одземени лиценците за работа, од инспекторатот велат дека за тоа одлучува лекарската комора. Од комората на лекари засега се немаат огласено за овие случаи.