Денеска е спомен на Свети Лав I: Православните христијани го слават римскиот папа кој бил голем чудотворец

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 10 февруари.

Свети Лав I, папа Римски
Роден е во Италија од благочестиви родители. Најпрво беше ѓакон кај папата Сикст III, а по неговата смрт, и покрај неговото противење, го издигнаа на престолот на римскиот папа. Кога Атила со Хуните дојде близу Рим и се подготвуваше веќе да го разори и запали овој град, Лав излезе пред него во архиерејска облека, го скроти гневот на хунскиот водач и ја оттргна пропаста од Рим. Колку што врз Атила подејствува советот на светиот човек толку го уплаши и видението на светите апостоли Петар и Павле кои стоеја покрај Лав и со пламени сабји му се закануваа на Атила. Овој папа не само што го спаси Рим туку ја помогна и заштитата на Православието од Евтихиевата и Диоскоровата ерес. Таа ерес се состоеше во слевањето на Божествената и човечката природа кај Христос во една и следствено – одрекување на двете волји во личноста на Спасителот.

Заради ова беше свикан Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, на којшто се прочита посланието на светиот папа Лав, коешто тој прво го напиша па го положи на гробот на свети Петар, а свети Петар го исправи. Пред смртта, четириесет дена помина во пост и молитва на гробот на апостолот Петар, молејќи го да му јави дали му се простени гревовите. Апостолот му се јави и му кажа дека сите гревови му се простени, освен гревовите на ракополагањето свештеници (во што се гледа колку тежок е гревот на недостојното ракополагање). Светителот повторно се предаде на молитва се додека не беше известен дека и тие гревови му се простени. Тогаш мирно Му ја предаде душата на Господ. Свети Лав се упокои во 461 година.
Житие: Свети Лав, епископ Катански

Свети Лав им беше добар пастир и милосрден наставник на луѓето во градот Катана под вулканската планина Етна. Многу се погрижи околу болните и сиромашните.

Неговата ревност за верата беше исто толку голема како и неговото милосрдие кон неволните. Во тој град се појави еден маѓепсник Илиодор, кој го замајуваше народот со разни магиски вештини и ја развраќаше младежта во градот.

Еднаш за време на литургија влезе во Божјиот храм и се зафати да волшебствува. Свети Лав му пристапи, го врза со едното крајче на својот омофор и го одведе на градскиот пазар.

Овде нареди да се запали голем оган и кога огнот се разгоре, влезе самиот во него и го вовлече внатре и Илиодор. Илиодор сиот изгоре, а Свети Лав остана неначнат од огнот.

Од ова сите што беа замајани од Илиодор и гледаа во него божество се засрамија. А милосрдниот и ревносен Лав се прочу по целото царство како голем чудотворец, којшто со своите пресветли чуда им помага на луѓето.

По неговата смрт од неговите мошти потече исцелително миро. Се упокои во 8 век.

Свети Флавијан исповедник, патријарх Цариградски

Патријарх Цариградски после Прокло. Современик на светиот папа Лав. Се бореше одлучно против Евтихиј и Диоскор, но не го дочека жив триумфот на Православието на Четвртиот Собор, зашто претходно на еден еретички собор го биеја и го газеа толку бездушно, што таму и умре. Верен војник Христов, храбар бранител и исповедник на православната вера. Се упокои во 449 година.