Дење многу топло а ноќе посвежо!Температурните промени причина за главоболки, гадење, нагон за повраќање и вртоглавици кај граѓаните

И вртоглавици и главоболки, но и појава на гадење и нагони за повраќање, кои многу скопјани ги чувствуваат деновиве се од големата температурна разлика, која, по малку е зачудувачки, но влијае кај сите, а не само кај метеопатите. Освен возрасните, на овие симптоми, може да се пожалат и децата, велат лекарите.

– Изминативе денови имаме невообичаено високи дневни температури, а навистина е голема разликата наутро и преку денот – ноќе тие се спуштаат и до минус 4 степени Целизусови, а дење се искачуваат и до плус 20 степени. Тоа е над 20 степени разлика, што е многу, па од сета таа промена може да се јавуваат главоболки, вртоглавица, изнемоштеност, но и нагони за повраќање и гадење. Специфично е што овие симптоми се јавуваат кај целата популација, а не само кај метеопатите. Сакам да нагласам дека и децата деновиве имаат главоболки и тоа од истите причини, од големите температурни разлики. Кај помалите е карактеристично тоа што овие симптоми најчесто се јавуваат попладне и траат од еден до три-четири часа – вели д-р Маргарета Трипуновска, шеф на смена во Службата за итна медицинска помош во Скопје.

Оваа служба деновиве има по стотина интервенции и до 3-4 пати повеќе повици од граѓаните.

– Освен со променливото време, тегобите што се јавуваат кај граѓаните се поврзани и со несоодветен режим на одмор, со недоволен внес на течности – поголема е потребата за течности, а не сме доволно прилагодени на промената, па не пиеме доволно вода. И сето тоа доведува и до главоболка. А промените на воздушниот притисок доведуваат до промена и на вредностите на крвниот притисок кај луѓето, па деновиве имаме и зголемен број на такви пациенти, со притисок над нормалните вредности. Но кај дел од граѓаните, најчесто поради недоволно хидрирање на организмот во услови на нагло затоплување, се случува и паѓање на притисокот – појаснува д-р Трипуновска.

А за тоа зошто ни се јавуваат вртоглавици и чувство на гадење, од Брза помош велат:

– Вртоглавица се јавува поради покачување на надворешните температури, тоа е  вообичаен симптом, а причина е и варијација во крвниот притисок и промените на  температурата. Важно е да се знае дека вртоглавица не е болест туку симптом – тоа е кога чувствуваме вртење во главата и лулање, а таа е поврзана и со нагон на повраќање. Исто така, може да се појави и гледање т.н. „дупли слики“ и притисок во ушите, а овие симптоми во вакви случаи не укажуваат на појава на мозочен удар – вели д-р Трипуновска, која нагласува дека ако вртоглавицата трае повеќе од два-три дена, секако треба да се побара лекарска помош.

И посериозни, но за жал и фатални состојби по здравјето, може да се јават во овој период.

– И мозочните удари се зачестени во овие денови, имаме повеќе пациенти со мозочни  крварења, а зголемувањето на температурите доведе до тоа граѓаните повеќе да се  движат, па зголемен е и бројот на сообраќајки во градот. Сите тие симптоми, вртоглавици, но и појава на зголемен притисок, може да се јавуваат и кај возачите и се случуваат почесто сообраќајни незгоди – додава д-р Трипуновска.

За тоа до кога ќе нѐ мачат овие симптоми, таа вели:

– Сѐ додека не се стабилизира времето и организмот не се прилагоди, а тоа е кога ќе имаме релативно константни надворешни температури, со не толку голема разлика од 20 степени. Со стабилизирање на температурите, ќе дојде и до смирување на симптомите кај луѓето.