По седми пат неизвесна судбината на објект во Ресен, му претстои рушење а сопственикот десет години талка низ судските лавиринти(фото)

По седми пат неизвесна судбината на кафе барот „Китам“, кој е сместен во еднокатниот монтажен објект до Стоковната куќа на плоштадот во Ресен. Сопственикот на објектот, Ѓорѓи Ивановски веќе десет години талка низ судските лавирнти, зашто земјиштето на кое се наоѓа истиот и во кој е сместен неговиот кафе бар, всушност не е во негова сопственост.

Денес во претпладневните часови, по седми пат ќе биде направен обид за рушење на ваквиот објект, за кој Ивановски тврди дека е легален. Објектот во кој е сместен кафе барот, кој тој го отвара под името „Китам“ е изграден во 1981 – та година. Во тоа време, објектот бил во сопственот на Палас турист, а десетина години подоцна Ивановски го зема под наем, за во 2000 – та година и да го купи од Палас турист кој пак, во тоа време оди во стечај.

Голготата во македонското правосудство за Ивановски почнува во 2008 година, при обидот да го приватизира земјиштето, на кое се наоѓа кафе барот кој претставува извор на егзистенција за неговото семејство и за уште неколку лица вработени таму. Во тој период, стоковната куќа на плоштадот во Ресен станува сопственот на акционерското друштво „Скопски пазар“, од каде наместо да го приватизираат земјиштето на кое е сместена стоковната, приватизираат и десетина парцели од околу, кои претставуваат градежно неизградено земјиште. Според ова, бил присвоен простор, поголем од оној на кој е сместена Стоковната куќа.

фотографијата е од денес

„Во 2008 кога се обидов да извршам приватизација на земјиштето, бидејќи објектот е мој, но земјиштето е дадено на користење на Палас турист. Во 2008 дознавам дека Скопски пазар со тогашниот Закон за приватизација на државно градежно земјиште без надомест, наместо да извшри приватизација на земјиштето под објект, врши приватизација на уште десетина други парцели околу објектот, а не смеела да се изврши приватизација на земјиштето под објектот. Тоа било гола земја“, раскажува Ивановски.

Меѓу приватизираните парцели има и таква која навлегува како еден вид заб во неговиот објект и токму истата е почетна точка од каде тргнува институционално талкање на овој ресенчанец.
„Скопски пазар“ таквата приватизирана парцела ја продава на нов инвеститор, кој купува дел од Стоковната куќа. Новиот сопственик го дава Ивановски на суд.

„Новиот сопственик почнува со мене спор пред Судот во Битола за да му го предадам во владение градежно неизградено земјиште, а објектот кој тој го купува сега и мојот објект се во една година градени. Парцелата ја купува, а во нотарскиот акт пишува дека купува гола земја. Како е можно да купил градежно неизградено земјиште, а сега бара да му го дадам во владение кога купува земјиште под објект, мојот објект е таму“, вели Ивановски, кој го губи судскиот спор.

Тој нарачал и вештачење, кое покажува дека еден дел од неговиот објект е избришан без правна основа и таквата парцела која му е одземена, била запишана на „Скопски пазар“.

Најголемиот виновник за целата ситуација, според него е Управата за имотно правни работи во Ресен, од каде е издадено решението за приватизација во 2008 година, но прстот го вперува и во Катастар, каде дошла внатрешна контрола од Скопје, која исто така констатира дека бришењето на дел од објектот нема правна основа, советувајќи го Ивановски да ја докажува правдата по судски пат.

Тој писмено се обратил до Катастарот во Ресен со барање да му ги приложат записите од 2009 година, кои би покажале како дошло до таквото бришење. Тука ситуацијата уште повеќе се заплеткува:

„Добив одговор дека не можат да излезат во пресрет бидејќи бараната документација, не се наоѓа во нивната архива. Да е трагедијата поголема, лани документот излезе. Впрочем, излегоа поединечните записи, обемна документација која претходно ја немаше. Тоа беше мој голем хендикеп, сите се тргаа настрана и јас без документ ништо не можев да докажам“.

Откако Ивановски го изгубил спорот, објектот во кој се наоѓа неговиот кафе бар станува предмет на извршување, односно на рушење. Досега се правени повеќе обиди за тоа, а последниот пат биле повикани и седумдесетина полицајци.

Од извршувањето досега се откажале повеќе геодети, но и луѓе испратени за да извршат увид, а денешниот обид за рушење би можел засекогаш да ја запечати судбината на кафе барот кој се наоѓа на земјиштето кое го приватизирало Скопски пазар, продавајќи го на нов сопственик