Истражување: УПРАВНИТЕ ОДБОРИ ПОЛНИ СО ФУНКЦИОНЕРИ СО ЗАВРШЕНО СРЕДНО И ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ

Двајца директори и најмалку 14 членови на надзорни одбори на јавни претпријатија во земјава се со средно образование, што е спротивно на законските критериуми, покажува базата на податоци за членовите на управувачките структури на државните институции што ја изработи Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје.

Станува збор, пред сѐ, за јавни претпријатија од мали градови или од рурални општини. Директорите, според податоците во базата, се во Пехчево и во Василево, а членови на надзорни одбори може да се најдат во Маврово, Македонска Каменица, Свети Николе, Илинден, Неготино, Берово, но со средно образование е и еден член на надзорниот одбор на спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.

Анализата на нивните податоци покажала дека пет отсто од управувачките структури биле со средно образование. Но, во нив може да се најдат и лица што завршиле само основно училиште. Сите тројца се членови на управни одбори, и тоа двајца во јавно претпријатие во Маврово-Ростуше и еден во претпријатие во Центар Жупа пишува порталот Призма.

Без искуство во областа во која се назначени биле директорите на агенциите за иселеништво, катастар, млади и спорт, и за поддршка на претприемништвото, за странски инвестиции и други директори.

Податоците од базата покажале дека во 51отсто од случаите именуваните лица (вклучувајќи ги, не само директорите, туку и управните и надзорните одбори) немале искуство во областа на работата на институциите или, пак, тоа било до пет години. Дури 43 отсто од членовите во управните одбори немале искуство.

„Тоа што е интересно е дека во надзорните одбори, каде што, пред сѐ, би требало да членуваат луѓе со правна и финансиска заднина, има 22 отсто технички лица, 12 отсто од општествени науки и 4 отсто со студии од уметност или хуманистички науки.

Надзорните одбори имаат функција да го надгледуваат материјалното и финансиско работење на институциите. Оттука, се доведува под знак прашање колкав е капацитетот на надзорните одбори соодветно да ги исполнуваат своите надлежности“, истакнуваат од ИДСЦС