МЕСТОТО КАДЕ ШТО АРХАНГЕЛ ГАВРИЛ И ЈА ЈАВУВА БЛАГАТА ВЕСТ НА ДЕВА МАРИЈА(фото)

БЛАГОВЕЦ – Назарет

ИЗВОРОТ НА БОГОРОДИЦА , МЕСТОТО КАДЕ ШТО АРХАНГЕЛ ГАВРИЛ И ЈА ЈАВУВА БЛАГАТА ВЕСТ НА ДЕВА МАРИЈА

Како што е напишано во акатистот :

ИКОС 1
Ангел претстател од небесата беше испратен на Богородица да ѝ рече‘Радувај се!’ И со глас бесплотен, гледајќи Те како се воплотуваш, Господи, во ужас стоеше воскликнувајќи ѝ:
Радувај се, низ Тебе радоста заблеска.
Радувај се, низ Тебе клетвата исчезна.
Радувај се, на паднатиот Адам исправување.
Радувај се,на Ева од солзите избавување.
Радувај се,висино, и за помислите човечки недостижна.
Радувај се, длабочино, ни за очите ангелски несогледлива.
Радувај се, зашто царски престол Си.
Радувај се,зашто Го носиш Носителот на сѐ.
Радувај се, ѕвездо Која Сонцето Го објавува.
Радувај се, утробо на Божественото воплотување.
Радувај се, низ Тебе тварта се обновува.
Радувај се, низ Тебе на Творецот Му се поклонуваме.
Радувај се, Невесто Неневестна!

КОНДАК 2
Гледајќи се Светата Себеси во чистота, смело на Гавриила му прозборе: Преславниот твој глас неразбирлив е за душава моја, зашто за рождество низ бессемено зачнување зборуваш воскликнувајќи: Алилуја!

ИКОС 2
Сакајќи да го разбере недостижното за разумот, Дева кон Тајнослужителот повика: ‘Кажи ми како е можно Син од чиста утроба да се роди?’
А тој со страв одговори ова велејќи ѝ го:
Радувај се,на Советот неискажлив Тајнице.
Радувај се,на оние молчание што бараат Веропазителке.
Радувај се, на чудата Христови Началнице.
Радувај се, на повеленијата Негови втемелителке.
Радувај се, лествицо небесна по Која Бог слезе.
Радувај се, мосту што земните на небо ги возведуваш.
Радувај се, чудо многусловено од ангелите.
Радувај се, многуоплакан поразу на демоните.
Радувај се, Светлоста надумна Си ја родила.
Радувај се, начинот никому не Си му го открила.
Радувај се, Ти Која мудрите со разум ги надминуваш.
Радувај се, Ти Која верните со смисла ги просветлуваш.
Радувај се, Невесто Неневестна!

КОНДАК 3
Силата на Севишниот за зачнување Ја осени Неискусобрачната, и плодната утроба Нејзина нива беспрекорна стана за оние што спасение сакаат да жнеат, пеејќи непрестајно: Алилуја!

Свето Благовештение

Кога Пресветата Дева наврши единаесет години пребивање и служење во ерусалимскиот храм и четиринаест од раѓањето – значи кога стапи во петнаесеттата година од животот – свештениците ѝ соопштија дека според Законот повеќе не може да остане при храмот, туку треба да пристапи кон веридба и брак. Одговорот на Пресветата Дева беше големо изненадување за тамошните свештеници. Изјави дека Таа себеси Му се посветила на Бога и не сака да стапува во брак со никого. По Божја Промисла и вдахновение тогаш првосвештеникот Захарија, татко на Св. Јован Крстител, се договори со другите свештеници, па собраа дванаесет безжени луѓе од Давидовото племе за да пронајдат еден на кого што би му ја довериле Дева Марија како на оној кој ќе ја чува Нејзината девственост и ќе се грижи за Неа. Му ја доверија на стариот Јосиф од Назарет, којшто ѝ беше роднина.

Во домот Јосифов Пресветата Дева продолжи да живее исто како во Соломоновиот храм, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во богомислие и ракоделие. Од дома не излегуваше речиси никогаш ниту се интересираше за светските работи и настани. Малку зборуваше со кого било и никогаш без особена потреба. Најчесто општеше со ќерките на Јосиф.

Но кога се исполни времето означено со пророштвото на Даниил и кога Бог благоволи да го исполни ветувањето што му го даде на прогонетиот Адам и на Пророците, на Пресветата Дева ѝ се јави во одајата великиот архангел Гавриил, а некои свештеници пишуваа дека во оној миг Таа го имала пред себе отворено пророштвото на Исаија кој вели: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син!“ Гавриил ѝ се јави во архангелска светлина и ѝ рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе!“ И с ѐ друго, како што пишува во Евангелието на Божествениот Лука. Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието. А историјата на Новиот Завет значи радост за човештвото и за сета твар.

Фб. Slovo Bozjo