ДИК падна, ептем незгодна работа а и во ептем незгодно време

ДИК ги објави конечните резултати. Победник на изборите е Амди Бајрам со освоени 102,4 проценти од гласовите. Еееј кочи малку, па нели Амди ја повлече својата кандидатура уште пред да почне кампањата, како тоа победил?! Згора на тоа, 1 април одамна помина, сега е петок, 12 април, средина на претседателската трка, внимавај што пишуваш, се буни тастатурата пред мене!

Добро де, не жести се толку, како политичар на митинг, односно пратеник на контрареплика. Знам дека сме среде кампања и токму заради тоа вака го започнав текстот, си помислувам во себе. За да укажам на нешто што очигледно никого не го вознемирува. А би требало барем да ги подзамисли. Бидејќи читаме и слушаме дека веб-страницата на Државната изборна комисија не работела веќе неколку дена. Паднала и не можело да се подигне во многу незгодно време. Среде изборна кампања. Над глава ѝ висат едно чудо електричари, информатичари и пробуваат да ја анимираат, мотивираат, да се подигне, ама залудно. Скоро цела недела не реагира. При обид да влезете на неа и да дознаете нешто околу изборниот процес излегува „слоганот“ – Страницата се реконструира.

Прво си помислив дека во екот на кампањата е логично сите учесници на изборите (а ДИК секако е клучниот учесник) да имаат свои препознатливи слогани, ама овој на ДИК е малку чуден и необичен.

Баш сега ли најдоа да ја реконструираат. Среде кампања за претседателските избори. Објаснувањето дека дошло до краток спој во компјутерскиот систем и затоа страницата не работела, е исто така чудно. Па се прашува ли некој што ако дојде до спој и за време на изборите, броењето и евидентирањето на гласовите. Во една таква хипотетичка ситуација можни се најразлични сценарија, па зошто да не и кандидати што не се во трка да победат. Впрочем, уште одамна во кампањата се калкулира и со четврти кандидат кој не е во трка, не се вика Амди туку Талат, но може прв да влезе во претседателската резиденција на Водно.

Но настрана шегите и претпоставките. Неработење на веб-страница на Државна изборна комисија е сериозен преседан, кој треба темелно да се истражи. Зашто таа не е некаква безначајна платформа, туку официјален сајт на важен државен орган, кој содржи важни информации како комплетно ажурираниот избирачки список, податоци за гласачките места, за изборниот процес итн.

И бидејќи сите се залагаме за кристално чисти избори, како услов за добивање датум за преговори со ЕУ, еве користам можност да упатам јавна порака да се превенираат сите можни идни недостатоци во компјутерскиот и во информатичкиот систем на Комисијата. ДИК мора да биде пример за сите и да не остава ниту најмал простор за какви било евентуални сомневања, изговори, можни поплаки, пред, за време и по завршувањето на изборниот процес. Бидејќи веќе длабоко сме навлезени во изборната кампања, на работите мора да се гледа максимално сериозно од самиот почеток, а не само на денот на гласањето. Впрочем, вработените во ДИК не се хонорарци кои се ангажираат за еден ден, да ги соопштат само резултатите и толку. Тие се платени да работат цела година и цел мандат, за кој период не се дозволени какви било пропусти и грешки како оваа со веб-страницата. Толку за ДИК.

Во продолжение накратко ќе се осврнам на некои сегменти од претседателската кампања кои ми оставија, за жал, горчлив впечаток.
Она што веројатно најмногу боде очи е преокупацијата на кандидатите со некоја замислена и проектирана иднина на државата наместо со реалноста и сегашноста. Слушаме пораки како некогаш, во иднина, ќе ни било подобро, ќе сме станале Европејци, ќе ни пораснеле платите, ќе се подобрела економијата, здравството, образованието. Се негува, форсира и глорифицира митот за Европа, избегнувајќи да се согледаат сегашноста и реалноста во Македонија.

Притоа, кандидатите како да забораваат дека нашиот влез во ЕУ нема да се случи ниту во нивниот мандат, ниту во мандатот на тој/таа што ќе дојде по нив, а може ниту потоа. Оттаму, не ми е јасно зошто толку се фокусираат на иднината, бегајќи од сегашноста. А дотогаш што ќе правиме. Ќе сонуваме со отворени очи.
Затоа немојте, ве молам, со стилот што би било кога би било, туку што сега, денес и тука. Искуството нѐ учи, барем во случајот со Македонија, дека преголемите очекувања многупати се изјаловувале и сме останувале со куси ракави. Народот е веќе уморен од празни ветувања.

Понатаму, се добива впечаток како кај некои кандидати да постои страв да се изговори името на државата. И новото, а уште повеќе старото.
Сѐ нешто вртат наоколу, па на ќоше, де оваа држава, па нашата земја, мојата татковина. Па добро, бре луѓе, вие за што се кандидиравте. За претседател на оваа држава. За врховен командант на вооружените сили на некоја безимена држава. Оваа земја има свое име.

Не плашете се да го изговарате. Или можеби и тука се прават калкулации со бројот на гласови, па е побезболно да се жонглира со показни заменки (оваа, ова) или присвојни заменски придавки (моја, наша) наместо да се изговори името на државата.
Доста ни е веќе од заменки, придавки, додавки. Порано се лутевме кога странски дипломати при посетите на Македонија избегнуваа да го споменат името на државата, а еве сега дочекавме тоа да го прават и нашите домашни политичари. И замислете во трка за гласови за највисоката функција во државата.

Изборните пораки и ветувања, пак, се приказна сама за себе. Некој дојденец или странец да одгледа цел партиски митинг може да помисли дека станува збор за локални избори. Зашто има да чуе сѐ и сешто, почнувајќи од комунални проблеми, канализации, екологија, ресоцијализација, иселување…
Сега, најново е што и марихуаната најде место во кампања, па и за неа се говори на митинзите. Само внимавајте да не ве чуе Хоакин Арчивалдо Гузман Лоера, попознат како Ел Чапо или мексиканскиот наркобос, па и тој да посака да го шири бизнисот во Македонија.

И по сето ова слушам реакции демек кампањата била здодевна, безлична, монотона.
Па, не знам дали е баш така. Мене ми е доста интересна и возбудлива.
Како да гледам фудбалски натпревар. Има во кампањата и дриблинзи на мал простор, и нечисти дуели, стартови од зад грб, спринтови напред, арбитри за ферплеј и делење правда, но и чести истрчувања во празно и офсајд-ситуации. Се разбира, тука е и публиката која знае секој потег да го награди со свирежи или аплауз.
Недостасува само уште да профункционира ВАР-системот, пардон ДИК-системот, и сѐ да биде тамам. Сепак да не губиме надеж. Има уште време до полуфиналето на 21 април и финалето на 5 мај. Во меѓувреме забавата продолжува.

И сѐ тоа во духот на познатата изрека – Дајте му на народот леб и забава.
Само тоа, барем засега, не ни недостасува.

aleksandar.d@novamakedonija.com.mk